|
Објектите во кои се создавале детските спомени на многу генерации, денес се затрупани. Некои со шут и со ѓубре, други со имотноправни, концесиски и судски проблеми
Едно работи, неколку функционираат под сомнителни околности, пет-шест можеби ќе проработат, но не мора, а преостанатите или се пренаменуваат или безнадежно пропаѓаат. Детските одморалишта во Македонија се уште едно поглавје од приказната за дводецениската транзиција од која земјава сé уште го бара излезот. Никој не направи вистинска стратегија за објектите во кои се создавале детските спомени на многу генерации, а во чии благодати денешните деца не можат да уживаат. Одлуките за решавањето на статусот се менуваа заедно со владите. Една реши одморалиштата да им ги даде под закуп на вработените, тие да се грижат за нив и да ги управуваат, а на државата да и плаќаат кирија. Друга, пак, одлучи да ги продаде на приватни инвеститори или да ги подари на државни институции. Различните концепти направија хаос, одморалиштата останаа во некој меѓупростор, што им овозможуваше само да пропаѓаат или да функционираат сомнително, без да се знае кој им е газда и кој ги управува.
Министерството за труд и социјална политика е задолжено да го реши проблемот со одморалиштата и тоа ги води постапките за продажба. Тоа се одвива според простиот принцип „стока за пари“, без никакви дополнителни обврски за инвеститорите. Затоа е малку веројатно дека некое од нив повторно ќе ги отвори портите за децата, како класично одморалиште.
- Потенцијалните купувачи не се обврзани да ја задржат функцијата на детските одморалишта - велат од Министерството. Некои од 25-те објекти почнаа да пропаѓаат одамна, други продолжија да работат, но ситуацијата дополнително се искомплицира во последниве неколку години. Во јуни 2006 година тогашната влада на СДСМ одлучи да им ги даде на вработените, на закуп од 20 години. Се потпишаа договори со „Младост“, институција што има четири објекти, како и со „Пелистер“ од Битола, „Малешево“ од Берово, „Мајски цвет“ од Струга и со „Бунец“ од Гостивар. Услов беше да се одржуваат и ако може да се осовременуваат. Следниот месец имаше избори, дојде нова влада, која ги раскина овие договори и реши да ги продава објектите. Закупците тужеа и почна одисејата низ судските лавиринти, која трае до денес. Во меѓувреме, продажбите продолжија. - Досега се одржаа три јавни наддавања, интерес имаше постојано. Продадени се шест одморалишта, а кон крајот на месецов ќе понудиме уште три - додадоа од Министерството. Тие што носат ќар најлесно се продаваат, додека судбината на другите е неизвесна. Цената на некои, поради руинираноста, постојано им паѓа, се движи кон едно евро за квадратен метар. Децата, пак, никој не ги прашува за ништо. - Децата не се гласачи. Да беа, ситуацијата сигурно ќе беше поинаква - вели Мојсо Фиданоски, директор на детските одморалишта „Младост“. КОСТУРИ ОД ГОЛИ ЅИДОВИ На десетина километри од Делчево, на планината Голак, во прекрасен шумски предел, начичкан со борови стебла, кои на надморска височина од 1.300 метри како со врвовите да го допираат небото, се наоѓа објектот на истоименото детско одморалиште. Поточно, се наоѓа она што останало од некогашното одморалиште, кое порано се опишувало како најубаво во земјава. Со горчина во душата заминува секој што ќе го посети местото за да се потсети каде пред многу години како дете поминал дел од зимскиот распуст. Овде челуста на времето и грабачките човечки раце биле немилосрдни сојузници, проголтале и разграбале сé што можеле. Оставиле само костур од ѕидови. Да можеле и нив ќе ги однеле. Тешко е да се гледа зданието, а уште потешко е кога ќе се влезе во него. Изгледа како низ него да поминал ураган или ужасот на некоја војна, недостигаат уште дупки од куршуми на фасадите за да биде комплетен последниот впечаток. Влезовите без врати, прозорците без стакла. Парчиња од стакло, како заби на ајкула, стојат на главниот влез. Кревети, бироа, шкафови, друг инвентар нема никаде, само понекоја штица. Од походот на арамиите не биле поштедени ниту електричната и водоводната инсталација. Таваните се ишарани од кабли што висат, а речиси од секое ќоше штрчи понекое парче од цевка, што била исечена и однесена. Гледајќи во руината, од која чиниш се ежат и иглестите листови на густата борова шума што ја опкружува, тешко може да се замисли дека тоа бил објект за одмор и рекреација на деца, кои зиме и лете ги полнеле собите, дворот, терасите, трпезаријата и целата околина. Ваква не е судбината само на детското одморалиште „Голак“. Оставени на забот на времето, ограбени и руинирани се уште неколку објекти за деца и ученици. „Суви Лаки“, кое се наоѓа на половина пат од Берово кон Струмица, сега е сврталиште на кучиња-бездомници, кои во руината си нашле засолниште и се единствените домаќини, но не чекаат и не примаат гости. Упатените велат дека на истата слика ќе наидете и во Дојран, во детското одморалиште „Титови пионери-Николиќ“. - Кога го видов одморалиштето во Дојран, не можев да се соземам од шокот. Морав да се напијам таблета за смирување. Го знам какво беше, како во него лете вриеше од деца како во кошница. Сега не останало ништо - вели Петар Алексовски-Пепо, долгогодишен директор на детските одморалишта „Младост“. ПИРАМИДАЛНА ТАКТИКА - ЕМ ПОД ЗАКУП ЕМ НА ПРОДАЖБА Грдата слика на „Голак“, „Суви Лаки“, одморалиштата во Дојран, Охрид и уште неколку други, за среќа, не ја делат сите објекти за одмор и рекреација на децата. Некои се зачувани, се наоѓаат во пристојна состојба и се подготвени да примаат гости. Но тие, наместо со шут и со ѓубре, затрупани се со имотноправни, концесиски, судски и со други проблеми. Таков е примерот со детското одморалиште „Малешево“, лоцирано во пазувите на прекрасната борова шума, на самиот брег на Беровско Езеро. Од вработените што го закупиле одморалиштето, останале само десетина и тие се грижат за него. - Се организиравме да го зачуваме одморалиштето да не пропадне, да не го снајде истата судбина како „Голак“. Доаѓаат гости, за викенди, Нова година, празници. Бунгаловите, терасите, ресторанот, целата околина врие од гости. Но тури со ученици и деца немало со години. Доаѓаат на еднодневни екскурзии, но не е како порано, последните тури сме ги имале во 2007 година. Зградата на детското одморалиште е затворена, но се наоѓа во добра состојба, со мали интервенции може за кратко време повторно да биде во функција - вели Глигор Самарџиски од „самоуправувачкиот одбор“ на „Малешево“. Безизлезната состојба ги тишти десеттемина Малешевци. Тие бараат да им се реши статусот и да бидат на чисто дали остануваат концесионери или пак не, оти вака работат на диво, а тоа го знаат и надлежните. - Кога се организиравме, отидовме во подружницата на УЈП во Берово да прашаме како ќе работиме. Ние креваме раменици и тие креваат раменици. На крајот ни рекоа - вие работете и никој нема да ви додева. Ни дадоа парагон блокови и почнавме - вели Самарџиски, кој секој ден доаѓа да го обиколи одморалиштето и да провери дали е сé во ред. Но скептицизмот почнал да се вселува во неговите мисли и кај неговите колеги дека нивниот статус некогаш ќе се реши. - Неколку пати доаѓаа од Министерството за труд, разговаравме, но ништо не се случи. Сега ни ветуваат дека до крајот на март треба да се реши нашето прашање и од први април ќе почнеме да работиме. Во исчекување тоа да се случи, го затворивме објектот. Па да видиме дали и ова ќе биде само првоаприлска шега - разочарано истакнува беровецот. Детското одморалиште „Малешево“ изминативе три години неколку пати било на лицитација за продажба, но никој не го купил. Идентичен е случајот и со објектите на детското одморалиште „Младост“ од Скопје и „Мајски цвет“ од Струга, кои ја бијат битката со државата на суд, за правото на концесија, која ја добиле во 2006 година, но исходот никако да го дочека светлото на денот. Тие сé уште работат, организираат екскурзии и тури за ученици, но не знаат до кога, оти нивните објекти еден по еден одат на продажба, се даваат на институции. Одморалиштето на „Младост“, „Мите Богоевски“ во Претор е веќе продадено на приватен инвеститор. - „Младост“ поведе постапка за судска заштита. Објектот во Претор е продаден и сега бараат да се иселиме оттаму и да го испразниме одморалиштето, но договорот за закуп не е раскинат. Постапката за негово раскинување не може и не смее да биде со обично известување, како што беше направено - велат од „Младост“. Директорот Мојсо Фиданоски вели дека се соочуваат со нелогичности, откако биле известени дека повеќе не се закупци на објектите. - Нé известија дека договорот за закуп е раскинат, а потоа потпишавме договор во Чичино Село и во одморалиштето во Љубанци да бидат сместени бездомни лица. Значи, во тој договор ние фигурираме како странка, под чие владение се одморалиштата. Самото Министерство со тој договор го признава тоа. А сега го продаваат одморалиштето „Мите Богоевски“ во Претор без да нé прашаат. Тоа е нелогично - вели Фиданоски. Одморалиштето „Мајски цвет“ во Струга, пак, е приказна за себе. Тоа е дадено на Министерството за образование и наука и дел од него е пренаменет за потребите на неколку дисперзирани факултети. Половина сé уште функционира како детско одморалиште, но како што вели неговиот директор, тоа најверојатно нема да трае уште долго. - Во 2006 година нé прашаа од Владата дали сакаме државата да ги продаде одморалиштата или да ни ги даде под закуп на 20 години. Се сложивме да ги земеме под закуп. Успеавме да го сочуваме одморалиштето и продолживме да работиме. Лани не знам како ни го раскинаа договорот за закуп и половина од одморалиштето беше пренаменето за дисперзирани студии. Рушеа ѕидови, спојуваа соби за потребите на факултетите. Наставата што таму се изведува е импровизирана, објектот не одговара за таа намена. Доаѓаат и предаваат асистенти, но само повремено. Секој ден ги гледам студентите како седат на клупите и ги чекаат наставниците да дојдат. Тоа е детско одморалиште и така треба да функционира. Секое лето има тури ученици и деца што летуваат, но, за жал, можно е годишнава сезона да биде последна - вели управителот Јован Паскоски. И ДОКУМЕНТИ ФАЛАТ Детското одморалиште „Плачковица“ во Радовиш е продадено во 2007 година на фирмата „Алфа инженеринг“ за сума од 143.000 евра. Компанијата била единствен понудувач, а почетната цена била 142.846 евра. Одморалиштето „Пониква“ беше дадено на МВР и претворено во хотел за вработените, но и за други граѓани. Објектот на Попова Шапка, пак, бил купен од приватна фирма од Тетово по одржано јавно наддавање во август 2009 година, но купопродажниот договор бил потпишан и заверен на нотар по пет месеци, во јануари 2010 година. - Причина беше тоа што Министерството за труд и социјална политика како продавач ја немаше целокупната техничка документација, односно недостигаше имотниот лист, како и етажно изложување на објектот. Откако од Министерството ја докомплетираа документацијата, како фирма потпишавме купопродажен договор - вели еден од четворицата сопственици. Детското одморалиште на Попова Шапка има површина од 1.300 квадратни метри, како и 500 квадрати дворно место. Приватната фирма ќе го реконструира објектот, кој потоа треба да претставува нов сместувачко-угостителски капацитет на Попова Шапка.
| И партиите ги пројдоа |
Детските одморалишта пред точно една година беа дел од дневната агенда на партиските штабови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, а препуквањата се однесуваа на политиките што биле водени и се водат околу објектите. Така, ВМРО-ДПМНЕ го обвини Стевче Јакимовски дека како министер за труд и социјална политика скучил штетен договор за извавање под закуп „Малешево“ во Берово по суперниска цена од едно евро за квадрат годишна кирија и дека на сличен начин ги дал под закуп и другите одморалишта. Одговорот на СДСМ беше дека одморалиштата се дадени под закуп во законска процедура и дека нешто друго ја мачи партијата на власт, а е поврзано со детските одморалишта, односно дека не можела да им ги даде на подарок на своите партиски војници, и прашаа дали со „Малешево“ на црно управува братот на штипскиот полициски началник Звонко Каширски. |
Продадени детски одморалишта на лицитација - „Висока Чука“ Гевгелија - „Асамати“ Ресен - „Мите Богоевски“ Претор - „Македонија“ Тиват, Црна Гора - „Попова Шапка“ Тетово - „Плачковица“ Радовиш Руинирани објекти - „Голак“ Делчево - „Суви Лаки“ Берово - „Титови пионери“ Дојран Како детски одморалишта функционираат (според Министерството за труд и социјална политика) - „Бунец“ Гостивар - „Малешево“ Берово Дадени под закуп во 2006 година - „Малешево“ Берово - „Мајски цвет“ Струга - „Бунец“ Гостивар - „Пелистер“ Битола - „Младост“ Скопје (под кое спаѓаат објектите „Мите Богоевски“ во Претор, „Шула Мина“ во Крушево, „Чичино село“ во Сарај - -„Горно Водно“ во Скопје) Дадени на институции - „Пониква“ Кочани (на МВР) - „Плачковички одреди“ Штип (на универзитетот „Гоце Делчев“) - „Мајски цвет“ Струга (половина објект за дисперзирани студии) - „Чичино село“ Сарај (центар за бездомници и за раселени лица) - „Страхил Андасаров“ Љубанци (центар за бездомници и за раселени лица) На лицитација на 28 март ќе одат - „Голак“ Делчево - „Ѓуриште“ Свети Николе - „Титови пионери“ Дојран - „Суви Лаки“ Берово |